Ковачевски: Историското зголемување на пензиите обезбедува квалитетен животен стандард

Според Ковачевски, Владата во отворен дијалог го прифати моделот, кој Сојузот на здруженија на пензионери го  предложи како нова методологија за континуиран раст на пензиите.

Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со членството на Сојузот на здруженијата на пензионерите, на која се разговараше подетално за вредностите на новата методологија за раст на пензиите, која се реализира за континуирано обезбедување квалитетен животен стандард на сите категории граѓани.

Според Ковачевски, Владата во отворен дијалог го прифати моделот, кој Сојузот на здруженија на пензионери го предложи како нова методологија за континуиран раст на пензиите.

Методологијата е работена според швајцарскиот модел со кој усогласувањето на пензиите ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50%, и за просечна плата, исто така во висина од 50% и ќе започне да се применува без дополнителни одлагања, со септемвриската пензија годинава.

„Дополнително, обезбедивме и директна финансиска помош, и речиси 330 илјади пензионери ќе добијат по 1.000 денари плус со мартовската, априлската и пензијата во мај. Тоа се дополнителни 3.000 денари за овие три месеци, кои се исклучително добредојдени во овој период на продлабочена криза", изјави премиерот Ковачевски по средбата оценувајќи ја соработката со Сојузот на здруженијата на пензионерите и останатите релевантни општествени чинители од голема важност за Владата, заради заедништвото во носењето на значајните одлуки.

Тој посочи дека, во 2022 година за 12 месеци, заедно со директната финансиска помош, во просек пензионерите ќе имаат вкупно годишно околу 12.000 денари плус, односно просечно скоро 200 евра повеќе во домашниот буџет за истата година.

„Ова е историско и рекордно зголемување - пензионерите со просечна пензија која во моментот е 16.300 денари, по завршувањето на финансискиот пакет од по 1.000 денари за 3 месеци, а со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка", рече Ковачевски, додавајќи дека согласно проекциите на крајот на 2022 година се очекува зголемување на просечната месечна пензија на околу 17.300 денари, споредено со крајот на 2021 година, кога во просек пензијата беше 15.876 денари.

Ова се случува во година кога имавме и едно од најголемите зголемувања на пензиите досега. Со последното усогласување од 2,9%, во јануари годинава пензионерите имаа зголемување од најмалку 460 денари, што значи дека оваа Влада докажа дека постојано и во континуитет се грижи за сите пензионери, кои во својот работен век придонесувале и вложувале во градењето на заедничката држава, да имаат услови за достоинствени пензионерски денови и пристоен и мирен живот.

„Граѓаните да бидат спокојни, пензискиот фонд е стабилен и тоа е резултат на добрите економски политики на Владата, успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви. Исто така, ова се должи на зголемената наплата и приходи од придонеси во 2021 година, од страна на УЈП како и на очекуваниот пораст на вработеноста и дополнителни приходи од придонеси", порача Ковачевски додавајќи дека за речиси 330.000 пензионери е создаден квалитетен пензионерски систем и трајна и одржлива методологија којашто нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори.

„Сето ова, додаде Ковачевски, Владата го остварува без да ги зголеми стапките за пензиски придонеси, што значи дека нема да има дополнително оптоварување на бизнисот".

Претседателката на Сојузот, на здруженијата на пензионери, Станка Трајкова во изјавата за медиумите изрази големо задоволство од остварениот дијалог и ја поздрави отворената и плодна соработка со Владата.

Таа додаде дека денешната средба ја искористиле и за разговори за други конструктивни предлози и прашања од интерес за пензионерите и истите со ресорните министри ќе бидат разгледани.

Премиерот Ковачевски ја искористи денешната средба, на ден пред 8 Март, на сите членки на Сојузот на здруженијата на пензионери, да им го честита Меѓународниот празник, истакнувајќи дека жените рамноправно и еднакво учествуваат во градењето на нашата држава.

КИА најави подобрен EV6

Оваа година KIA планира да го претстави новиот EV6 со освежен дизајн.

Актуелниот EV6 наполни три години во март и треба да се пензионира во 2024 година, кога освежениот модел ќе излезе во продажба. Најверојатно новиот модел ќе има и технички модификации, но тоа се уште не е потврдено.

Kia EV6 е првиот целосно електричен автомобил на јужнокорејскиот производител. Има функција за брзо полнење од 800 волти, опсег на WLTP до 528 km и забрзување од 0 до 100 km/h за само 3,5 секунди. Сега треба да стане уште поатрактивен во поглед на дизајнот, ефикасноста, перформансите и практичноста. KIA најави „ново, електрифицирано искуство“ на X.

На фотографиите се редизајнираните задни светла. Новост може да биде и изменет браник. Не се очекуваат големи промени во дизајнот во внатрешноста - сепак, Kia може да го користи својот нов систем ccNC (Connected Car Navigation Cockpit) овде, кој дебитираше во EV9.

Една од клучните надградби може да биде батерија со капацитет за складирање енергија од 84 kWh. Треба да има поголема енергетска густина, што значи дека поголемиот капацитет не мора да резултира со значително зголемување на тежината. Благодарение на ова подобрување, новиот EV6 може да постигне опсег на WLTP од околу 560 km, што е до 6 проценти повеќе. Сепак, ова се уште не е потврдено.

Фејслифтираниот Kia EV6 се очекува да биде пуштен во продажба во Јужна Кореја во јуни. На европските пазари, купувачите можеби ќе треба да почекаат до четвртиот квартал на годината.

Трамп: Нема да ја изберам Ники Хејли за кандидатка а потпретседател

Доналд Трамп денеска изјави дека поранешниот републикански претседателски кандидат не го смета за негов потенцијален кандидат на изборите во ноември, отфрлајќи ги извештаите од медиумскиот сајт Аксиос.

„Ники Хејли не се смета за потпретседател, но ѝ посакувам сѐ најдобро!“ напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth (Вистина).

Цитирајќи луѓе запознаени со ситуацијата, Аксиос објави дека Трамп може да ја избере Хејли доколку е убеден дека таа може да му помогне да го добие мандатот, да избегне потенцијална затворска казна и да покрие десетици милиони правни такси доколку загуби.

Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина и поранешен американски амбасадор во Обединетите нации, се повлече од трката за републиканска претседателска номинација во март.

Хејли веднаш не ја коментираше статијата. И додека таа призна дека Трамп, кој постојано ја омаловажуваше нејзината кандидатура, ќе биде републикански кандидат, Хејли не го поддржа.

Трамп не брза да избере со кого ќе се кандидира, според неговите советници.

Тој нема да биде официјално номиниран до републиканската конвенција во Милвоки, Висконсин, во јули. Ќе се соочи со демократот Џо Бајден на изборите на 5 ноември.

ОН: Од Рафа од понеделникот избегале 150.000 луѓе, Израелците тврдат дека има двојно повеќе

Од почетокот на неделата, приближно 150.000 жители на Газа побегнале од Рафа, стравувајќи од натамошен израелски напредок, објави денеска на X Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци.

Но, израелската војска соопшти дека од почетокот на неделата околу 300.000 луѓе ги послушале и ја следеле наредбата за евакуација. Дпа пишува дека не било можно да се провери и потврди информацијата од независни извори.

Израел ги прошири повиците за евакуација на жителите од централниот и другите делови на Рафа, со инструкции да се преселат во градот Ал-Маваси на брегот на Средоземното Море.

Се чини дека војската ќе ги прошири своите операции за да го елиминира, како што вели, палестинското милитантно исламистичко движење Хамас, и покрај зголемените повици да се повлече. Меѓу оние кои повикуваат на повлекување се Обединетите нации и САД, главниот сојузник на Израел.

Вработен во УНРВА на Х напиша дека семејствата од сите делови на градот се пакуваат и дека „улиците се многу попразни“ од порано.

УНРВА соопшти дека до вчера градот на границата со Египет го напуштиле 110.000 Палестинци. Агенцијата тврди дека околу 300.000 луѓе биле погодени од најновите израелски наредби за евакуација и дека тие се однесуваат и на области во другите делови на крајбрежниот појас.

притисни ентер