Skip links

Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство

Студиска посета

,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“

ПОВИК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ

 

Период: од 12 до 22 септември 2022 год.
Краен рок за пријавување: 22 април 2022 год.
Локација: Археолошки локалитет Хераклеја Линкестис (Битола) и други споменици/локалитети во Северна Македонија
Организатор: ИКОМОС Македонија

 

Националниот комитет на ИКОМОС Македонија со задоволство ја најавува студиската посета на тема ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“ која ќе се спроведе од 12 до 22 септември 2022г., со финансиска поддршка од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје.

Студиската посета ќе се одвива на избрани споменици/локалитети во Северна Македонија каде како студии на случај во рамките на програмата ќе бидат опфатени културни добра кои се конзервирани со финансиска помош од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство (AFCP) на Стејт Департментот на САД, со посебен фокус на конзерваторскиот проект кој се спроведува на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола.

Во текот на 11 активни денови, учесниците ќе имаат ретка можност да учествуваат во специјализирани стручни посети на археолошките локалитети Хераклеја Линкестис, Стоби, црквата Св.Богородица Перивлепта во Охрид, Шарената џамија во Тетово, Даут-пашиниот амам во Скопје и многу други, проследени со серија предавања од домашни експерти за заштита на културното наследство и членови на ИКОМОС Македонија. Покрај предавањата предвидена е и теренска настава на која студентите ќе имаат можност активно да учествуваат во конзерваторските активности. Ќе бидат организирани состаноци со менаџерите на локалитетите, арехолози, кустоси и други стручни лица.

Главната цел на оваа стручна студиска посета која е наменета за студенти од Северна Македонија и Грција е зајакнување на нивните знаења за управувањето и конзервацијата на културното наследство и стекнување нови професионални вештини.

 

УЧЕСНИЦИ

Студиската посета е наменета за учесници од Северна Македонија и Грција. Заинтересираните кандидати потребно е да се студенти (не постари од 30 години) на додипломски или постдипломски студии на факултетите од доменот на заштитата на културното наследство (архитекти, археолози, историчари на уметност, конзерватори, реставратори, градежни инженери, итн.).

 

РАБОТЕН ЈАЗИК

Работен јазик за време на студиската посета ќе биде англискиот јазик. Оттука, се препорачува пријавените кандидати добро да го владеат англискиот јазик.

 

ФИНАНСИСКИ ТРОШОЦИ

Финансиските трошоци за учество на студиската посета (патни трошоци /меѓународен и локален транспорт, дневни оброци, сместување) се на товар на организаторот на посетата (ИКОМОС Македонија).

 

СЕРТИФИКАТ

По завршување на посетата учесниците ќе добијат сертификат за успешно учество во студиската посета.

 

ПРИЈАВУВАЊЕ

Заинтересираните кандидати треба да испратат свое CV и мотивациско писмо на следната

е-адреса: macedonia@icomos.org

 

КРАЕН РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ:

22 април 2022 год.